EOSC Федерацијата влегува во нова фаза на развој со вклучување на 14 нови кандидатски јазли во вториот бран на проширување. Меѓу нив е и националниот кандидат EOSC јазол, со што нашата земја добива можност за посилно вклучување во европскиот екосистем за отворена наука, истражувачки податоци и дигитални услуги.

Во овој процес, Центарот за отворена наука при УКИМ има значајна улога во организациската имплементација, градењето капацитети и развојот на компетенции потребни за активно учество на истражувачката заедница во EOSC. Активностите на Центарот се насочени кон поддршка на истражувачите и институциите во примената на принципите на отворена наука, управувањето со истражувачки податоци и користењето на европските инфраструктури и сервиси.

Особено важен дел од кандидатурата е моделот за поврзување на центрите за компетенции за отворена наука со EOSC јазлите. Во таа насока, ЦОН има водечка улога во имплементацијата на овој специфичен случај на интеграција, кој се реализира преку стратешка соработка со полскиот EOSC јазол од мај 2026. Овој модел треба да овозможи знаењето, поддршката и услугите поврзани со отворената наука да бидат поблиску до истражувачите и подобро поврзани со европските EOSC процеси.

Поддржан од техничките ресурси и експертизата на ФИНКИ при УКИМ, Центарот за отворена наука ќе продолжи да работи на развој на вештини, насоки и практики за управување со истражувачки податоци и примена на принципите на отворена наука. На овој начин, ЦОН придонесува кон професионална, организациска и техничка подготвеност на истражувачката заедница за рамноправно учество во EOSC.Повеќе информации на:
https://eosc.eu/news/eosc-federation-scales-up-with-endorsement-of-14-new-candidate-nodes